13.8 C
Skopje
сабота, март 1, 2025

Градоначалникот на Куманово негативен на коронаворусот, разочаран од хајката на сопартијците против него

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриески, сепак, не е инфициран со коронавирусот, откако во средата го добил резултатот од вториот контролен тест направен во Институтот за јавно здравје, кој е негативен, па од утре продолжува посветено со неговите работни обврски, а најавува и дека постапката ќе покаже дека тој не сторил кривично дело.

Сакам да ја информирам јавноста дека штотуку го добив резултатот за вториот контролен тест кој е негативен, направен во Институтот за јавно здравје, од утре продолжувам посветено со моите работни обврски“, објави Димитриевски на социјалните мрежи.

Димитриевски притоа изразува разочарување од изјавите на неговиот сопартиец, портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов.

„Од 1995г. се водам по начелата на мојата партија за демократија, еднаквост, отчетност, одговорност… и во тој дух ја извршувам функцијата градоначалник на најголемата општина во државата и ќе продолжам така. Длабоко сум разочаран од изјавата на портпаролот на СДСМ и ја сметам за избрзана и несреќна. Покрај политичка носиме и институционално – општествена одговорност кон граѓаните и јавноста кои не избираат по предлог на партиите.

Дебатата ќе ја водиме внатре во партијата. Сега е време за дејствување против епидемијата и помош на граѓаните. Постапката ќе покаже дека нема основ за кривично дело и дополнително ќе ги потврди сомнежите. Институционалната хајка која се води против мене и членовите на штабот изминатите денови за мене до овoj момент е неразбирлива.

Не сакам ни да помислам дека некој во овие тешки моменти се поигрува со здравјето на моите сограѓани, води политика и креира црни сценарија за елиминација на неистомисленици. До тогаш останувам посветен на борбата против епидемијата и моите секојдневни обврски за доброто на сите граѓани“, рече Димитриески.

Повторно ги повика директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и министерот за здравство да го достави извештајот на увид кај него, штабот и јавноста, бидејќи сепак, како што вели, тоа не е таен документ.

Случајот со кумановскиот градоначалник и со членовите на општинскиот кризен штаб кои беа позитивни на новиот коронавирус предизвика и големи раслојувања во владејачката СДСМ. Позитивниот резултат на нивните тестови на коронавирусот ги прати во изолација техничкиот премиер Оливер Спасовски, вицепремиерот Бујар Османи и министрите Венко Филипе и Арбер Адеми бидејќи ден пред да стигнат резултатите беа на состанок во Куманово. И тие денеска ги добија резултатите од вторите тестови и сите се негативни. Во изолација завршија и другите присутни на состанокот, како и новинарите кои го следеа настанот.

Од Владата тогаш објавија дека тие не знаеле оти Димитриевски и останатите се тестирале, додека, пак, градоначалникот посочуваше дека тие требало да бидат информирани по службена должност, имајќи ги предвид нивните позиции во кризниот штеб

Надзор за тоа како е правен тестот, како и за тоа што Димитриевски и уште член на штабот потоа со возило на Итната медицинска помош биле да се тестираат во приватни лаборатории, правеше Државниот санитарен и здравствен инспекторат, кој утврди пропусти и кај него и кај здравствените установи во Куманово. ДСЗИ најави и казни, а во вторникот беше потврдено дека против градоначалникот има и кривична пријава.