Американскиот спорт загубил 12 милијарди долари

Американскиот спорт поради епидемијата од корановирусот загубил повеќе од 12 милијарди долари, со загуба на илјадници работни места, објави во петокот спортскиот ресурс ESPN.

Меѓутоа, се стравува дека овие бројки би можело да се удвојат, доколку не продолжат прекинатите сезони во професионалните и универзитетските лиги.

Патрик Рише, кој ја води спортската деловна програма на Универзитетот Вашингтон во Сент Луис, ги проучувал јавно достапните податоци за да го процени потенцијалното влијание на суспендирањето на главните професионални лиги, универзитетската кошаркарска лига NCAA и младинскиот спорт. Компанијата за аналитика на пазарот на трудот EMSI ја објави процената за бизнисите поврзани со спортот, а покрај тоа ESPN интервјуирал економисти, јавни службеници, спортски функционери, концесионери, организатори на спортските патувања и други, за да го процени влијанието на пандемијата на коронавирусот врз спортот на сите нивоа.

Според сите податци, суспендирањето на натпреварувањата во САД ќе избришат најмалку 12 милијарди долари приходи и стотици илјади работни места. Професионалниот спорт досега загубил 5,5 милијарди долари, универзитетскиот спорт околу 3,9 милијарди долари, а спортскиот туризам околу 2,4 милијарди долари.

Во САД има околу 3 милиона работни места во рамките на 524 занимања коишто зависат од спортот, покажува анализата на податоците на агенцијата за статистика. Тоа се сите, од тренерите до обезбедувачите и арбитрите. Колку од тие луѓе сега останале без работа, сѐ уште не е сосема јасно, но ефектот врз професионалниот спорт веќе е драматичен. Стотици илјади луѓе веќе добиле откази.

Истражувањето коешто го нарачала асоцијацијата Sports Events & Tourism, којашто ја претставува индустријата на спортските патувања, открило дека речиси 700.000 спортисти не можеле да учествуваат на закажаните настани само во март, што организаторите ги чинело повеќе од 700 милиони долари.

„Во моментов луѓето сѐ уште се во шок“, вели Ал Кид, претседател на асоцијацијата. Стотици организации, вклучително и компаниите за спортски патувања, поднеле петиција до Конгресот барајќи формирање фонд во износ од 8.5 милијариди долари за помош на спортот за „стабилизирање на индустријата и вложувања во закрепнувањето“.

Се стравува дека бројката од 12 милијарди долари е конзервативна на повеќе начини. Имено, не ги вклучува предвидените загуби од националното здружение за автомобилски трки NASCAR, голфот, тенисот и неколку помали спортови. Овие бројки, исто така, не ги вклучуваат загубите во рекреациската индустрија на отворено, вклучувајќи ги ловот, скијањето, рекреативните голф и тенис, како и риболовот.

„Како економист, можете да се потргнете и само да гледате каква катастрофа се случува. Сите фрази се релевантни, бидејќи едноставно никогаш не сме виделе нешто како ова“, вели Рише.

Професионалните лиги во четирите најважни спортови во САД – НБА, НХЛ, МЛБ, НФЛ и другите лигаи развиваат планови за да спасат што можат, вклучително и затворање на играчите во некој вид „стерилизирана биосфера“. Таа стратегија би требало не само да го врати спортот, туку би помогнала и лигите да соберат милијарди долари од надоместоците за телевизиските права, најголемиот придвижувач на приходите во спортот. Меѓутоа, во овој момент никој нема идеја што ќе се случи и што ќе се прави.