Димитриевски: По историјата и идентитетот не смееме да си чепкаме

Се можеме да срушиме и повторно да изградиме, но по историјата и идентитетот не смееме да си чепкаме, тоа е наше и на сите кои живееле, живеат и ќе живееме заедно, пишува на Фејсбук кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски.

„Вергината била и ќе биде дел од таа историја и истата со брусалица не се брише, таа или ја имаш заедно со останатите чувства во себе или пак никогаш не била во тебе.

Во мојот досегашен четириесет и четири годишен живот, неколкупати се чувствував многу горд како човек, првиот пат на матурската, втор пат во АРМ, трет пат кога станав родител и се роди мојот син Милан, подоцна уште два пати за Вероника и Димитар, станав градоначалник на најголемата општина и тоа се моменти на исполнетост, но и одговорност кои им ги посакувам на сите да ги почувствуваат но исклучително е чувството на свечената обврска во АРМ и тоа сме го споделиле многумина од тогашните генерации во нашата МАКЕДОНИЈА“, пишува Димитриевски.

Гоце Делчев, вели кумановскиот градоначалник бил Бугарин, толку колку што „моето кумче кое студира во Бугарија е Бугарин кога ги полага испитите на факултетот а професорот ќе го праша како се чувствува, знам дека е горд Македонец докажан по ген, внук на првоборец, сепак мудриот премолчува, кумството ми е шест генерации и ќе продолжи ќе даде бог“.

„Последно време Бугарскиот пасош за нас стана прозорец кон Европа го земаа многумина, разбирливо, животот оди мора да се работи создава и заработува за живот, каде? нормално во Европа, таму каде што сакаме сите, со модерниот и богатиот свет. Бугарија ни е братска држава исто како и Србија, многу сме измешани и поврзани но сепак треба да се знае дека Македонец не се создава, тој се раѓа, така било и ќе биде!“, вели Димитриевски.