Филипче: Датум за избори ќе има само кога Комисијата за заразни болести ќе го одобри тоа

Датум за избори ќе има само кога Комисијата за заразни болести ќе го одобри тоа, истакна министерот за здравство Венко Филипче при денешното гостување во вестите на телевизија Телма, одговарајќи на прашањето, дали експертите од Комисијата за заразни болести се согласуваат да има избори, со оглед на тоа што партијата која е власт денеска побара што поскоро да се одржат изборите веднаш штом олабават мерките.

– Никогаш досега ниту еден настан, ниту пак изборниот процес кој што беше на почетокот на оваа криза закажан не беше предмет за дискусија, ниту пак беше нешто врз основа на што ние ги темелевме препораките, односно Комисијата за заразни болести – експертите, епидемиолозите ги темелеа нивните совети, препораки, предлози до Владата. Се што се предложи на Министерството и Владата, сите мерки беа димензионирани така за здравјето на граѓаните да биде ставено на прво место. Во таа смисла, истиот терк на работа ќе продолжи и понатаму. Само врз основа на стручни аргументи, анализа на бројот на пациентите, на новодијагностицирани, само врз основа на бројот на пациенти кои ги имаме во болниците, но и на домашно лекување ќе бидат дадени следните предлози-  потенцираше министерот.

Филипче додаде дека се надева дека овој тренд ќе продолжи.

– Тоа што секој ден има се помалку дијагностицирани пациенти, се помалку пациенти кои се лекуваат во болниците и на домшано лекување, тоа што има повеќе излекувани отколку активни случаи, значи дека мерките беа добро димензионирани и добро испланирани, кои се темелеа на медицински аргументи, на епидемиолошката наука. Врз основа на ова, предлозите ќе продолжат да се даваат и понатаму – рече Филипче.