
Вработените во Јавното комунално претпријатие во Струга добија само 7.000 денари плата за март, што е многу помалку од минималната плата од 14.500 денари. Директорот Иван Клечкароски вели дека ова се должи на тешката состојба на компанијата заради развојот на настаните со вирусот корона и поради слабото плаќање на сметките, која варира помеѓу 18% и 22%, објави Алсат.
– Успеавме да собереме онолку колку за да исплатиме од 7000 денари за секој работник за месец март и очекуваме дека после викендот основачот да ни помогне да обезбедиме средства за остатокот од платата. Но, за други трошоци како што се горивото, резервните делови и другите трошоци што произлегуваат од континуираната работа, ќе бидеме во сериозен дефицит, рече Иван Клечкароски, директор Комуналното претпријатие во Струга.
Како што сега стојат работите, работниците во струшкото комунално претпријатие, тешко дека ќе добијат плата за април.
– И јас се прашувам себеси. И јас не знам како ќе излеземе од овој проблем. Ние тешко дека ќе можеме да исплатиме плати за месец април или тоа ќе биде во ограничена форма. Не очекувам поголеми движења, освен ако не се отворат сите стопански субјекти на кои им даваме услуги, рече Иван Клечкароски, директор на Комуналното претпријатие во Струга.
Во Охрид пак, наплатата за само десет дена, односно од 20 до 30 март, е за 30% пониска, но засега нема проблеми со исплатата на платите. Директорот Грданоски вели дека ќе земат банкарски кредит доколку има потреба.
– Јас сè уште го немам извештајот за април, но во разговор со одговорните лица во платниот центар, наплатата на сметките ќе се намали за околу 40%. За среќа, ние како менаџмент имаме резерви на средства и засега успеваме и работиме добро. Мислам дека сме во добра состојба да продолжиме со ова темпо уште два месеци, рече Љупчо Грданоски, директор на ЈКП Охрид.
Грданоски вели дека сè ќе зависи од плаќањето на сметките од граѓаните, но во следниот период и од компаниите. Од Струга велат дека чекале да влезат во програмата на Владата, но до сега нема најави за таква помош. Во меѓувреме, редовно се вршат работни задачи, како што се собирање отпад од јавни места или косење на тревата и дезинфекција на јавни површини и институции.
Во струшкото Комунално претпријатие има вкупно 142 редовни вработени, за разлика од Општинското претпријатие Охрид каде се вработени 292 лица.