
Кривата на излекувани пациенти од ковид-19 стрмо расте додека бројот на активни случаеви има одличен пад, соопшти денеска Министерството за здравство, нагласувајќи дека согласно последните трендови во однос на заболените и излекуваните од коронавирус бројките се исклучително охрабрувачки.
„Денешните податоци покажуваат дека имаме само пет нови случаи од вкупно 249 тестирања што претставува стапка од 2 отсто позитивни од сите направени тестови во едно деноноќие“, се вели во соопштението.
Бројот на пациенти кои имаат индикација за тест исто така значително опаѓа и со тоа опаѓа и бројот на направени тестови. Според информациите од приватните лаборатории, барањата за тестирање се исто така значително намалени. Времето на чекање за тестирање исто така е сведено на минимум, односно еден ден, додава МЗ.
Министерството информира дека продолжува активно да тестира согласно индикациите на сите пунктови и во сите лаборатории, но и будно да ја следи состојбата се до целосно спласнување на епидемијата. Досега во земјата се направени 17.246 тестови.