
Судењето за случајот „Рекет“ продолжува на 19 и 20 мај кога завршни зборови ќе даваат обвинителството и одбраната.
Во судот Катица Јанева, денеска даваше исказ, со што заврши доказната постапка за предметот во кој е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување.
Судот, на барање од одбраната, ја исклучи јавноста во делот од судењето каде Јанева сведочеше за доверливи информации за предметот „Рекет“, во кој е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластување.
Претходно, таа изјави дека со Бојан Јовановски прво неколку пати разговарале за гостување во емисиите на ТВ1, по што освен официјалните средби, развиле и неформално пријателатво и кафе пиење.
– Со Бојан најмногу разговаравме за модата, а зборувавме и за љубовта. Тој ме прашуваше што и како ќе носам во емисиите, а знаеше и да ме критикува за гардеробата – изјави Јанева.
Таа нагласи дека со Јовановски никогаш не разговарале за работата во Специјалното јавно обвинителство, укажувајќи дека ако имала потреба тоа го правела со обвинителите во СЈО.