Џамиите се отвораат за верниците

И покрај апелите на надлежните институцуу, муслиманските верници утре се враќаат во џамиите, кои деновиве се дезинфицираа и подготвуваа за новите протоколи.

Од Ријасетот на Исламската верска заедница во Македонија, по повод на отворање на џамиите и со цел за заштита на здравјето на луѓето како и спречување на ширење на вирусот, донесоа и сет на мерки за кои велат дека верниците ќе мораат да ги почитуваат.

Од таму велат дека во џамиите нема да пропуштаат поголеми групи и додаваат дека иако мерките се донесени, останува на свеста на верниците дали ќе бидат дисциплинирани  и ќе ги почитуваат.

Според ИВЗ, петочната молитва ќе трае само 10 минути, а верско предавање нема да има. Поради полицискиот час, само две од петте задолжителни молитви ќе се вршат во џамија. Граѓаните од друга страна велат дека ќе ги почитуваат упатствата, но има граѓани кои веруваат дека Ковид 19 не е поопасен од сезонскиот грип.

Лекарите препорачуваат дека опасноста за заразување е висока при секое колективно собирање и на тој начин може да дојде до нов бран на инфицирани. Микробиологот Дукаѓин Османи вели дека држењето растојание и заштитните мерки се мошне важни.