
Лидерот на СДСМ Зоран Заев по денешната средба на претседателите на партиите кај претседателот на државата Стево Пендаровски, рече дека за време на разговорите биле проектирани одредени датуми за одржување на парламентарните избори, во зависност од тоа дали и за колку време би се продолжила вонредната состојба.
Според него, сите се согласиле дека избори треба да има 22 дена по укинување на вонредната состојбата.
Заев кажа дека било договорно Владата да побара попрецизни одговори од ОБСЕ/ОДИХР кога и колкава мисија би можела да прати во земјата и од Комисијата за заразни болести да димензионира протоколи за однесување имајќи предвид дека митинзи нема да може да има, дали може да се оди од врата на врата и слично. Претседателот на државата, според него, треба да одржи состанок со членовите на Државната изборна комисија (ДИК) за точните термини, како што кажа, „од – до проектирани за потенцијален датум за избори“.
„Мерките се олабавуваат, завршува и празникот Рамазан, а и за економијата е многу важно да се одржат изборите што поскоро. Колку побрзо завшриме, толку побрзо и економијата ќе заздрави. Исто така, немаме парламент, а немаме ниту политичка влада која треба да носи одговорност. Тоа народот не го сака. Народот сака да донесе одлука. Јас еднаш реков, ние ќе победиме без разлика дали изборите ќе се одржат во јули, во август, во септември или во октомври. Убеден сум дека нашата економија ќе покаже најслаби импликации од коронакризата во споредба со сите земји од регионот. Ова се аргументите зошто бараме изборите да се одржат час поскоро, односно на 14 јуни. Поддршката на СДСМ ќе расте во следниот период. Јас верувам дека сите ќе се усогласиме и заедно ќе го утврдиме датумот за одржување на изборите – рече Заев.