
Унгарската влада кон крајот на јуни веројатно ќе се откаже од посебните овластувања коишто ѝ беа дадени со цел да се справува со епидемијата од коронавирусот, зависно од состојбата со заболените, рече во четвртокот шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан.
Во март унгарската влада ги доби специјалните овластувања за справување со епидемијата, кои беа критикувани од неолибералните активисти, некои земји членки на Европската унија и од Европската комисија. Премиерот Виктор Орбан рече дека посебните овластувања може да ги повлече парламентот, во секој момент.
Според овие овластувања и привремено донесените уредби со законска сила, секој кој намерно шири лажни информации во врска со коронавирусот кои може да ги вознемири граѓаните или, пак, го поткопува справувањето со коронавирусот, може да се соочи со пет години затвор.
„Владата би можела да се откаже од своите посебни овластувања до крајот на јуни доколку ситуацијата со епидемијата се промени“, изјави Гергели Гулјаш, шефот на кабинетот на унгарскиот премиер.
Во текот на онлајн-брифингот со новинарите додаде дека владата ги разгледува олеснувањата на рестриктивните мерки во главниот град Будимпешта од следната седмица, поради падот на бројот на заразените. Карантинските мерки главно веќе се олеснети во внатрешноста на Унгарија.
Додека говореше претходно во Европскиот парламент, Вера Јурова, комесарка за европски вредности и транспарентност, изјави дека ЕУ влегува во нова фаза од ублажувањето на одредени мерки кои се преземени да се заштити здравјето на граѓаните.
„Новата фаза значи дека вонредните овластувања кои ги имаа некои влади би требало постепено да се отстранат или да се заменат со подобро насочени или помалку наметливи мерки. Комисијата будно ќе следи како итните мерки влијаат врз владеењето на правото, темелните права и демократскит врдности и како во фази се спроведуваат во државите членки… Ова е особено важно за Унгарија, имајќи предвид дека нема јасна временска рамка“, рече Јурова.
Премиерот Виктор Орбан беше поканет во четвртокот на пленарна седница на Европскиот парламент да учествува во расправата за состојбата во Унгарија и покрај тоа што такви мерки се воведени уште и во Белгија, Словачка, Австрија, Франција, Норвешка и Шведска. Но Орбан најави дека пред европарламентарците ќе се обрати министерката за правда, Јудир Варга, практика која во минатото ја применуваа и други земји членки.