
Од утре ќе следи олеснувањето на рестриктивните мерки во Италија, воведени поради епидемијата на коронавирусот, бидејќи бројот на починати од ковид-19 опадна на најниското ниво од 9 март, најави синоќа италијанскиот премиер Џузепе Конте.
Тој на прес-конференцијата предупреди на опасноста епидемиолошката крива, поточно бројот на заболени и мртви, повторно да се зголеми.
Конте потенцираше дека во Италија, која е меѓу најтешко погодените земји од пандемијата на коронавирусот, ќе бидат преземени мерки за заживување на економскиот живот и укинување на ограничувањата за движење на граѓаните.
Од понеделник, 18 мај, повторно се отвораат продавниците, а од 25 мај спортските сали, базените и спортските центри.
Од 3 јуни ќе се отворат границите меѓу регионите во земјата и на граѓаните на земјите од Европската унија ќе им биде дозволено да се движат без ограничувања, без задолжителната карантин на оние што влегуваат во Италија.
Отворањето на театрите и кината е планирано за еден месец, на 15 јуни.