
Во Франција од 1-ви март како последици од заразата со новиот коронавирус досега починале вкупно повеќе од 28.000 луѓе, од кои 483 во последните 24 часа, соопшти во неделата министерството за здравство.
Станува збор за најголемиот дневен раст на бројот на починатите во текот на последните неколку седмици и е пет пати повеќе отколку ден претходно кога беа потврдени 96 смртни исходи. Така, во неделата бројот на вкупно починатите од почетокот на епидемијата во Франција достигна до 28.108 лица.
Последниот податок се објаснува со сѐ поголемиот број смртни исходи во домовите за стари и немоќни лица. Според министерството за здравство, во болниците ширум Франција од Covid-19 починале 17.466 пациенти, а во старските домови уште 10.642 лица.
Генералната дирекција за здравство (DGS) не може да го објасни овој нов пораст, и само наведе дека дневните податоци произлегле од податоците добиени од регионалните здравствени агенции пренесени во националната задравствена агенција,. Последните денови податоците беа неколкупати коригирани, што според медиумите, укажува на тешкотии при собирањето и известувањето за податоците.
Истовремено паѓа бројот на хоспитализациите, како и на пациентите на одделите за интензвина нега. Бројот на пациентите на интензивна нега се толкува како клучен показател за епидемијата и тој го продолжува падот кој започна последните седмици, велат од DGS.
Во моментов бројот на хоспитализираните лица во француските болници изнесува 19.361 лице, додека минатата недела имаше 22.569 пациенти, а во последните 24 часа хоспитализирани биле 152 лица. На интензивна нега се 2.087 пациенти, за разлика од 2.776 пред една седмица, а во последните 24 часа на овие оддели се примени 24 лица.
Од почетокот на епидемијата, во Франција се хоспитализирани 98.596 лица, од кои околу 17.500 биле на интензивна нега. Повеќе од 61.000 пациенити оздравеле и се отпуштени од болниците, се наведува во соопштението од неделата.
Од 11-ти мај во Франција започна укинувањето на рестриктивните мерки преземени за справување со епидемијата на коронавирусот. Отворени беа училиштата, продавниците за облека, библиотеките, фризерниците и салоните за убавина, но кафулињата, баровите, рестораните, кината и натаму остануваат затворени до новата уредба на властите.