По два месеци урнат ѕидот на брегот на Охридското езеро

Повеќе од два месеци му беа потребни на локалниот градежен инспекторат во Општина Охрид, за под притисок на јавноста да почне да го урива бесправно изградениот ѕид од неколку метри на брегот на Охридското езеро во автокампот Градиште. Локалните жители се сомневаат дека овде требало да никне објект од цврста градба, бидејќи има метални и дрвени конструкции поставени во близина. Од општината велат дека на фирмата изведувач и бил даден рок самата да го урне ѕидот, но откако било констатирано дека изведувачот не презема никакви активности се започнало со отстранување.

 „Ве уверувам дека никој од Локалната самоуправа, а ниту јас лично сме издале или имаме намера да издадеме одобрение за изградба на објекти кои директно влијаат врз загадувањето на Охридското Езеро, или го нарушуваат светското природно и културно наследство“, вели Константин Ѓеорѓиески-градоначалник на Охрид.

Локалните жители велат дека незаконското градење на брегот на езерото го пријавиле уште на 13 март и дека на овој простор во изминатите 15 години повеќе фирми биле закупци на овој простор.

„Минатата година се градеше ресторанот, се доградуваше, се правеше септичка јама на самиот брег од езерото. Овие градежни активности се одвиваат во текот на февруари и март, односно цела зима. За несреќа никој ништо не презема“, реагира Ѓорѓи Танески-здружение на граѓани на одземени имоти во Градиште.

Жителите прашуваат што со останатите објекти во кампот и до кога ќе се толерира таквата градба.

Од ВМРО ДПМНЕ  велат дека нарушувањето на светското природно и културно наследство на Охрид никако да запре.

„Јавноста е сведок дека не срушивте ниту еден објект. Или се ви е пресметано во предизборен пазар“, велат од ВМРО ДПМНЕ, Охрид.

Минатата недела Антикорупциска комисија побара од Владата да ја преземе надлежноста од општината за уривање на дивоградбите.