
Жителите на сиромашното предградие на чилеанската престолнина Сантијаго, Ел Боске, се судрија во понеделникот со полицијата протестирајќи против недостигот од прехранбени продукти во време на карантинот поради епидемијата со коронавирусот.
Демонстрантите извикувале пароли против владата, за којашто сметаат дека ги оставила на цедило. Предупредуваат дека луѓето од сиромашните квартови во овој момент имаат потреба од помош, особено во храна.
Демонстрантите фрлале камења врз полицијата, којашто одговорила со солзавец и водени топови, и привела неколкумина од нив, јавуваат чилеанските медиуми.
Владата на претседателот Себастијан Пињера во петокот прогласи карантин за жителите на главниот град, во кој се концетрирани 80 отсто од заразените со коронавирусот во Чиле. Меѓутоа, во земјата веќе со месеци претходно беа забавени економските активности, како во трговијата, градежништвото и различните услужни сектори.
Општината Ел Боске објави соопштение во коешто го истакнува влошувањето на квалитетот на животот на тамошното население и изостанувањето на грижа од страна на централната власт за најсиромашните.
„Денеска протестираат жителките и жителите кои повеќе од еден месец не можат да работат, а не видоа ниту конкретни мерки од државата“, напиша градоначалникот Сади Мело.
Уште пред кризата со коронавирусот, Чилњ со 18-те милиони население се соочуваше со повеќемесечни социјални немири и насислтава кои започнаа ланскиот октомври, по подигнувањето на цените на билетите за градскиот сообраќај и подземната железница во Сантијаго. Набрзо се проширија и на десетина поголеми градови во внатрешноста на земјата каде што дојде до жестоки судири со полицијата.