Партијата на Макрон го загуби мнозинството во парламентот

Неколку пратеници на владејачката партија на Емануел Макрон преминуваат во новата пратеничка група во долниот дом на францускиот парламент, со што претседателот на Републиката останува без апсолутно мнозинство.

Седум пратеници ја напуштаат партијата Републиката во движење (LREM) и се придружуват на новата политичка групација Екологија, демократија, солидарност (EDS), којашто во своите редови засега би требало да има 17 пратеници.

Новата групација во објавениот документ наведува дека има амбицијата кон „општествените и еколошки промени“ во општеството. „Одговор на итната еколошка ситуација, модернизација на демократијата, намалените општествени и територијални нееднаквости се меѓу приоритетите на групата“, се наведува во споменатиот текст во кој се додава и дека „повеќе ништо не е исто по епидемијата на коронавирусот“.

Пратениците наведуваат и дека се залагаат за цврст здравствен систем и еднаквост на родовите, што го покажуваат со личниот пример, бидејќи пратеничката група ја сочинуваат 65 отсто жени.

Со тоа LREM се сведе на 288 пратеници, еден помалку отколку што е потребно за апсолутно или просто мнозинство во парламетот, од првичните 314 мандати коишто ги освои во 2017 година кога партијата беше покрената како движење за поддршка на кандидатурата на Емануел Макрон на претседателските избори.

Движењето на Макрон коешто започна да дејствува како партија откако овој перспективен инвестициски банкар во банките на семејството Ротшилд ја напушти владата на социјалистите а потоа и победи на претседателските избори во мај 2017-та, последните месеци доживува раскол во своите редови. Пратениците започнаа да ја напуштаат бидејќи се фрустрирани со неговите одлуки и политики, за кои сметаат дека одат во полза на биснисот.

Макрон и натаму може да смета на поддршката од помалкиот сојузник во парламентот, центристичката партија MoDem. Но оваа партија сега би можела да има поголемо влијание врз креирњето на политиките во последните две години од мандатот на Макрон.

Ришар Феран, близок соработник на Макрон и претседател на Националното собрание, призна дека LREM остана без мнозинството, но порача дека владата може сѐ уште да смета на 342 гласа со поддршкатана MoDem.

Новата парламентарна група EDS формално нема партиска структура. Меѓутоа, многу е веројатно дека секој пратеник од партијата на Макрон ќе биде исфрлен и од членството доколку се придружи на новата групација. Неформални лидери на оваа групација се Пола Фортеза и Матје Орфелен, близок на поранешниот министер за екологија Николас Уло, кој ја напушти владата на Макрон гневен поради недоволното „зелени“ политики.