
Јапонски државен обвинител беше приниден во четвртокот да поднесе оставка, откако медиумите објавија дека се коцкал со новинари, и покрај карантинот поради епидемијата на коронавирусот.
Дневниот весник Shukan Bunshun (The Japan Times, во изданието на англиски јазик), објави дека 63-годишниот Хирому Курокава, главен државен обвинител на Токио, двапати во мај играл комар со тројца репортери од десничарскиот весник Sankei и од левичарскиот Asahi. Според извештаите, тие се сретнале во станот на еден новинар, и покрај мерките и апелите на властите да не се напуштаат домовите во текот на вонредната состојба поради коронавирусот.
Курокава ги потврдил медиумските извештаи и поднел оставка, изјавила министерката за правда Масако Мори. „Морам да истакнам дека таквото однесување е неприфатливо и е за секаква осуда“, додала министерката.
Скандалот е само еден дел од кампањата во јапонската јавност, имајќи предвид дека коцкањето во Јапонија е забрането. Покрај тоа, водечките медиуми во земјата веќе подолг период се изложени на остри критики поради блиски односи со високи функционери.