
Основните јавни обвинителствао Битола и во Кочани во понеделникот до регионалните основни судови поднесоа пет односно 26 предлози за издавање казнени налози, бидејќи во текот на вчерашното деноноќие лицата биле затекнати во движење во време на полицискиот час без поседување соодветни дозволи.
Основното јавно обвинителство Битола до Основниот суд во Битола поднесе пет предлози за издавање казнени налози против седум лица.
„Со своите дејствија седуммината обвинети сториле кривично дело -Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија предвидено и казниво по член 206 став 1 од Кривичниот законик. Обвинителството му предложи на судот сторителите да ги огласи за виновни и да им изрече парични казни во висина од по 100 дневни глоби, а секоја дневна глоба да биде во износ од 20 евра во денарска противвредност“, соопштија од обвинителството.
Основното јавно обвинителство во Кочани, пак, поведе постапка против 26 лица кои во одделни кривично правни настани, во периодот од 23 април до 22 мај 2020 година, го сториле кривичното дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија.
„Тие не ги почитувале мерките на Владата за сузбивање на опасната болест предизвикана од коронавирусот, со тоа што пеш или со возило се движеле низ градот за време додека во сила била забраната за движење на населението на територијата на државата3, соопштија од кочанското обвинителство.
За стореното кривично дело, Обвинителството му предложило на судот на обвинетите да им изрече парични казни во висина од 500 до 2000 евра во денарска противвредност.