Пратеници во ЕП: Брзите избори во Србија ќе бидат недемократски

Единаесет членови на Европскиот парламент од групата „Европска обнова“ испратија писмо до Комесарот за соседство и проширување Оливер Верхели, во кое изразија длабока загриженост за состојбата со демократијата во Србија и условите во кои ќе се одржуваат престојните избори.

„Ви пишуваме во врска со сериозното заобиколување во однос на посветеноста кон основните европски и демократски вредности на владата и политичкото раководство на Србија. Ние сме длабоко загрижени поради тоа што се чини дека станува сè поголем јазот помеѓу изјавите и заложбите направени од српските политички власти и реалноста во врска со исполнувањето и почитувањето на ваквите обврски “, напишаа европратениците од третата најголема пратеничка група во Европскиот парламент, во која е вклучена и партијата на францускиот претседател Емануел Макрон.

Писмото го потпишаа, меѓу другото, Натали Лоизо, поранешен министер за европски прашања во француската влада, Клемен Грошељ, известувачот за Србија и Илхан Ќучук, постојан известувач на Европскиот парламент за Македонија. Тие, исто така, ја коментираа одлуката за одржување избори за 21 јуни.

„Жалиме за одлуката да се одржат парламентарни избори на 21 јуни, во отсуство на договор за датумот меѓу власта и опозицијата. Ваквиот договор би го подигнал и легитимитетот на изборите. За ситуацијата да биде уште полоша, во светлина на неурамнотежено покривање на медиумите, непотребен притисок врз поединци и граѓанско општество критички кон сегашната власт, а според независните анализи за состојбата со демократијата во земјата, Србија неодамна беше класифицирана како хибриден режим. Затоа веруваме дека изборите во такво опкружување ќе бидат далеку од фер и демократски “, се вели во писмото.

Европратениците исто така напишаа дека сѐ повеќе се загрижени за растечкото влијание на Русија и Кина и изјавите на српските власти за Европската унија. Овие изјави фрлаат сомнеж врз вистинската посветеност на заедничката европска иднина на политичкото раководство на Србија, се вели во писмото.

Исто така, се потенцира дека европратениците признаваат дека Србија и покрај своето често трагично минато, остварила значителен напредок на патот кон ЕУ, но дека изјавите на политичките лидери се поразителни со оглед на поддршката на ЕУ и фактот дека Унијата е најголемиот трговски партнер во Србија.

Според европратениците, ЕУ треба да ги засили своите напори да ја внесе Србија во групата земји со функционални демократии, за таа цел тие предлагаат не само да се следат следните избори, туку и да се анализира влијанието на финансирањето на ЕУ врз моменталната состојба на демократијата во Србија.

Според писмото, ЕУ ќе треба да бара недвосмислена посветеност на Владата на Србија кон европската перспектива и почитување на вообичаените правила, вредности и норми, дури и по изборите.