Пановски: Според актуелната ситуација безпредметно е да се зборува за избори

Според ова што сега се случува, изборите се безпредметни дали ќе се одржат. Не мора да се одржат, вели професор доктор Никола Пановски запрашан во емисијата „Детектор“, дали можеме ли сега да зборуваме за одржување на безбедни избори кои нема да го загрозат здравјето и на оние кои излегуваат да гласаат, но и на оние кои што учествуваат во организирањето на самиот изборен процес.

Во емисијата на Сител телевизија, тој додаде, дека сето ова што деновиве ни се случува во однос на рапидното зголемување на бројот на нови заразени со Ковид-19 дневно, се однесува на најавените избори. Пановски смета дека надлежните ги укинаа мерките со цел да одржат избори.

„Меѓутоа ова е се последица на изборите, на најавените избори. Мерките што не се превземаа, против религиските групи, беа за да не се изгубат гласови. Веројатно и тие мерки што треба да се превземат во некои општини не се превземаа заради тоа. Имавме и отворено, уцена од Реисот бивши, односна од таа групација кај што беа спомнати изборите. И олабавувањето на мерките беа, дајте да ги олабавиме за да можат да се одржат избори“, рече доктор Пановски.

Кога науката ќе попушти на политиката, како што за жал се случи, резултат ова што го имаме последните денови, додаде Пановски мислејќи на Комисијата за заразни болести, додавајќи дека струката вели едно а они направија друго. Тој смета според овие бројки кои што ги имаме периодов, изборите треба да се одложат при што треба да се почека ситуацијата да се смири.

Пановски додаде дека за да може да се организираат избори не треба да ја нема воопшто епидемијата, но ситуацијата во секој случај треба да се смири, затоа што небезбедно е по здравјето на граѓаните со овие бројки да се оди на избори. Тоа би значело, две недели бројката на ново заболени да биде барем под 20 нови дијагностицирани дневно.

„Не треба да ја нема епидемијата две недели, односно 28 дена да нема ниту еден случај, меѓуто треба да биде сепак смирена состојбата. Еве нека биде тоа што кажуваа дека е постигнато, а не е постигнато. Кажаа 5,7% кога држеа прес конференција за олабавување на мерките, меѓутоа тоа беа заедно со скринингот. Тие 5,7% се над пет проценти, се бараше да биде две недели под пет посто и бројот дневно да не надминува, јас зборев 15, еве сега нека биде 20 нови случаи на ден. Тоа треба да се случи две недели за да се одржат избори“, дециден е професор Пановски.

Бидејќи, додава тој, како би се одржале избори таму каде што имаме, да речеме сега 50 активни, а општината е 20 илјади. По проценка на 50 активни случаи, веројатно има најмалку уште 500 кои што се носители на вирусот. Значи секој 20-ти кој ќе влезе да гласа е носител, тоа е малце по ризично отколку на другите места, истакна Пановски.