
Најмалку осум работници загинаа и уште 74 други се повредени откако експлозија предизвикала голем пожар во фабрика за хемикалии во западна Индија во средата, соопштија тамошните власти.
Околу пет илјади луѓе од околните села во округот Бхаруч, во западната сојузна држава Гуџарат, се евакуирани на безбедно место од предострожност, соопшти функционер во локалната влада.
Според властите, поради експлозијата и пожарот биле загрозени складиштата на водород, сулфор диоксид и други хемикалии. Покрај тоа, имало и неконтролирана емисија на органиски јаглород, но ситуацијата по пет часа била ставена под контрола.
Спасувачките служби, кои дејствувале со 15 противпожарни екипи, ги пренесле повредените во локалните болници, каде што е константирано дека состојбата кај некои од нив е многу сериозна.
Во мај 11 луѓе ги загубија животите а 800 беа хоспитализирани во јужна Индија по истекувањето на гас во фабрика за хемикалии којашто во текот на карантинските мерки не била во погон.