
Американскиот министер за одбрана Марк Еспер изјави дека не ја поддржува примената на Законот за бунт, односно за употреба на армијата за сузбивање на масовни безредија, за чиешто активирање јавно дискутираше претседателот Доналд Трамп.
Законите на САД забрануваат користење на армијата во земјата, но сепак тоа е возможно во услови на вооружен бунт, закон кој е донесен уште во 1807 година. Овој закон неколкупати е користен во сузбивањето на масовни безредија во кои се користело и огнено оружје, меѓу кои и во 1967 година во Детроит, во 1968-ма во Чикаго и Балтомор, како и во 1992 година во текот на погромите во Лос Анџелес.
„Отсекогаш верував и натаму верувам дека Националната гарда е најсоодветна да им обезбеди помош на граѓанските власти во земјата во вакви ситуации, за поддршка на локалните сили за спроведување на редот (…) Опцијата за користење на редовниот состав на војската како орган за спроведување на законот треба да се користи само како последно средство и само во најитни и најтешки ситуации. Ние во моментов не сме во ниедна од овие ситуации. Јас не ја ја поддржувам употребата на Законот за сузбивање вооружени бунтови“, изјави Еспер на брифингот во Пентагон во средата.
Повеќето сојузни држави во САД се зафатени од бранот масовни антирасни протести проследени со безредија, вандализам и грабежи по случајот на полициска бруталност во Минеаполис на 25-ти мај, кога животот го загуби 46-годишниот авфроамериканец Џорџ Флојд. Четворицата полицајци кој учествувале во апсењето на Флојд се отпуштени, а полицаецот кој со колено на вратот го предизвикал задушувањето на Флојд е обвинет за убиство од трет степен.
Поради безредијата, Националната гарда ја активираа гувернерите на 23 сојузни држави а полициски час е воведен во околу 40 големи американски градови, вклучително и престолнината Вашингтон, во Њујорк и во Лос Анџелес. Во вторникот ноќта телевизијата KTLA, соопшти податок дека во текот на масовните безредија ширум САД загинале најмалку 11 лица.