Шест медицински лица од ГОБ „8-ми Септември“ позитивни на коронавирусот

Шест медицински лица, од кои четири сестри и двајца болничари од скопската Градската општа болница „8-ми Септември“ се позитивни на коронавирусот, потврди  во четвртокот вечерта директорот д-р Христијан Костов, пренесува САКАМДАКАЖАМ.МК

Едната сестра била ангажирана во КОВИД центарот кај најтешките пациенти, а останатите медицински лица се од другите одделенија каде се третираат суспектни случаи. Директорот вели дека болницата одредена од Министерството за здравство привремено да биде специјализирана КОВИД болница, практично целосно функционира како инфективна здравствена установа и тријажен центар за КОВИД за целата држава.

„Три месеци немавме ниту еден позитивен случај, но ете, се појави и кај нас. Верувам дека е донесен од надвор, знаете, имаме две банки во рамки на болницата, потоа семејни вечери, прослави и слично“, вели директорот.

Шесте медицински лица имаат благи симптоми, кашлица и температура, а поради контактите на работа, во изолација се десет нивни колеги – сите медицински лица. Тестовите за коронавирус на десете изолорани се негативни, но ќе седат во изолација уште 9-10 денови, со оглед на тоа дека од пред 5-6 дена се во изолација.

Во болницата „8 Септември“ во моментов има 8 заболени на механичка вентилација, 3 на сипап маска и 10 на кислородна поддршка кои дишат сами. Костов вели дека вчера примиле дваајца заболени, но најголем наплив бил во вторникот кога биле хоспитализирани 15 со КОВИД-19.