
Во грчкото електронско месечно списание за литература и поезија „Карта“ е објавен портрет и преведени се на грчки дел од песните на најистакнатиот македонски книжевник и лингвист Блаже Конески. Убавите зборови за Конески, во списанието се дополнети со портрет-сликата на авторот Данчо Кал’чев.
Повеќе за работата на современиот уметник Кал’чев може да се види на неговата веб-страница, каде што го има и овој портрет на Конески.

Данчо Кал’чев е роден во Скопје 1957 година, каде што дипломира на педагошката академија во класата на сликарот Ванчо Георгиевски, а во 1984 година дипломира и на Факултетот за ликовни уметности во класата на Димитар Кондовски. Член е на ДЛУМ од 1984 година.
Со свои дела се претставил на самостојни изложби во Македонија, Германија, Австралија, учествувал и во бројни групни изложби во земјата и странство. Ликовната критика го смета за еден од најреномираните македонски сликари од средната генерација.
Во јунското издание на месечникот „Карта“ на грчки се преведени шест песни од Конески и тоа: „Житие за Бона“, „Житие на Таса Бојаноска“, „Белата тетка“, „Успение на тетка Менка“, „Орде“ и „Свети Спиридон нови“.
Информацијата за овој гест, на социјалните мрежи ја сподели нашиот писател, есеист и новинар, Томислав Османли.
Конески, во грчкото списание, е именуван како „корифеј на духовниот живот на соседна Северна Македонија“. Уредништвото изразува жалење што преводите се посредувани, направени преку англиски преводи на поезијата на Конески, додавајќи: „бидејќи не знаеме македонски, а со цел песните на Конески да стигнат до грчкиот читател, овој избор беше направен и покрај неговите очигледни ограничувања“.