Над 1000 заразени за една недела, а владата се откажува од мерките

Флоскулата „Здравствениот систем одлично се справува со коронавирусот“ и „Ја држиме состојбата под контрола“, се чини дека испарува толку брзо што ниту тие кои веруваа во тоа, веќе не се чувствуваат пријатно кога ја слушаат оваа фраза која од самиот почеток лебдеше како пропадандна политичка парола.

Но, ова и не беше неочекувано, бидејќи кога политиката ќе почне да ја трасира патеката на науката, ризикот да се случи катасрофа со неизмерни последици е огромен. За жал, политиката секогаш се наметувала над сѐ, но овојпат во Македонија тоа се прави на сметка на основното човеково начело, на сметка на здравјето на граѓаните.

Состојбата со коронавирусот во нашата земја е загрижувачка, со најголем број заразени од почетокот на епидемијата додека земјите од регионот веќе прогласуваат крај на болеста. И додека епидемиолозите предупредуваат на можна ескалација, а советодавната Комисија за заразни болести на министерот за здравство Венко Филипче предложува продолжување на полицискиот час, Владата ставајќи се над експертската јавност, вели дека нема потреба ниту од мерките што ги предложува Комисијата, ниту пак од продолжување на вонредната состојба.

А, како што следствено се склопуваат парчињата од политичкиот мозаик на владејачката структура, веројатно деновиве статистиката ќе почне да покажува намалување на бројот на новозаразени, бидејќи од фокусот треба да исчезне вирусот, за да се постави прашањето за изборите. А, изборите, според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, треба да се случат на 5 јули, како негова последна отстапка за опозицијата. „Датумот е завршена работа“, кажа Заев.

Ако се земе предвид дека од 1 јуни до денеска имаме над 1000 новозаболени и 20 смртни случаи, работата ни од далеку не е завршената  и наместо институционална одговорност за тоа, имаме оркестрирано повторување од надлежните дека за целата ситуација е виновен народот, кој не ги почитувал доследно мерките за заштита.
Нема ниту никаков професионален морален чин, или пак менување на стратегијата поради којашто епидемиолошката слика во Македонија во моментот е најлоша во регионот, па дури и барем некое објасбување како тоа се најдовме на дното на листата на безбедни земји според листата на ФОРБС.
Македонија е единствена земја во регионот која го живее вториот бран на Ковид 19. И повтроно, покрај сите лоши статистики, ние според Владата добро се справуваме со коронакризата и ситуацијата ја држиме под контрола. Ако е така, страшно е да се помисли каква би била состојбата кога не би била под контрола.

Станува патетично но и загрижувачки да се слушаат уверувањата дека здравствениот систем е подготвен, не се потребни веќе нови рестрикции како и вонредната состојба е веќе зад нас.

Според владината Уредбата, изборите треба да се оддржат во рок од 22 дена од завршување на вонредната состојба, или во случајот на 5 јули.