
Германската влада соопшти во средата дека добила службено известување за планираното делумно повлекување на американските војници стационирани во земјата.
„Сојузната влада е изестена дека американската администрација разгледува намалување на пристуството на американските вооружени сили во Германија. Колку што ни е познато, не е донесена конечна одлука“, изјави за новинарите во Берлин, заменичката портпарол на германската влада, Улрике Демер.
Нејзината изјава следеше по медиумските извештаи од крајот на минатата седмица дека американскиот претседател Доналд Трамп наредил повлекување на 9.500 до 15.000 од околу 34.500 американски војници кои во моментов се распоредени во Германија.
Ниту Белата куќа, ниту НАТО не ги коментираа ваквите извештаи. Меѓутоа, таквата можност Вашингтон ја најави уште минатата година.
Американскиот функционер кој сакал да остане анонимен, во петокот за агенцијата Reuters рекол дека овој потег е резултат на повеќемесечната работа на претседателот на Советот на генералштабовите на вооружените на САД, генералот Марк Мили, и тоа не е поврзано со тензиите меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и германската канцеларка Ангела Меркел која го спречи обидот на Трамп во јуни да биде домаќин на самитот на групата Г7 во проширен состав, во прв ред со Русија.
За можното повлекување на дел од американскиот воен контингент од Германија прв извести пред извесно време весникот The Wall Street Journal, ставајќи го овој потег во контекстот на односите меѓу Вашигнтон и Берлин, кои се често тензични во изминатите четири години. Трамп, имено, силно ја притисна Германија да ги зголеми своите трошоци за одбраната и ја обвини дека со проектот Северен тек 2 станува заробеник на Русија поради енергетската зависност.