Инфомакс: Министер предизвикал драма во кафана во Росоман и си заминал?

Вистинска драма се случувала денес во Росоман по посетата на министерот за земјоделство Трајан Димковски, кој во обид да тера предизборна кампања, успеал да предизвика инцидент во селото, објави Инфомакс.

При посетата во Росоман, Димковски ги повикал откупците од регионот во една локална кафеана, каде се обидел да пропагира партиска пропаганда. Но ситуацјиата излегла од контрола, откако неколкумина од придружниците на министерот почнале да пцујат и да му се закануваат на еден од најголемите откупувачи на земјоделски производи во регионот.

Според изворот на „Инфомакс“, тие вербално го нападнале сопственикот на „Агрофруит“ од Јосифово Перо Зајков, кој за да спречи поголем инцидент го напуштил локалот. Но, наместо ситуацијата да се смири, напаѓачите се упатиле кон домот на Томе Мојсов каде заминал Зајков, каде со своите автомобили го попречиле приодот кон деловниот простор на Мојсов и се заканувале дека ќе ги нападнат.

Кратко потоа, а по претходна пријава, пристигнала и полиција која три часа не успеала да ги приведе напаѓачите, иако и во нивно присуство упатувале закани кон Мојсов и Зајков.

Неофицијално, се работи за лица блиски до владејачката структура кои поради политичка нетрпеливост ги нападнале двајцата бизнисмени.