
Црногорскиот институт за јавно здравје во неделата потврди нов случај на зараза со коронавирус, прв по 42 последователни дена откако сите тестирани лица биле негативни.
Станува збор, како што официјално е соопштено, за лице кое претходната седмица престојувало во Босна и Херцеговина, а чиишто контакти по вреќањето во Црна Гора биле „минимални“.
„Заболениот од превентивни причини на сопствено инсистирање престојувал во самоизолација каде што и во моментов се наоѓа. Епидемиолошкото истражување е ве тек, а првични податоци укажуваат дека бројот на контакти е минимален“, соопштија од црногорскиот Институт за јавно здравје.
Црна Гора на почетокот на јуни прогласи крај на епидемијата од корнавирусот на својата територија, откако 28 дена по ред, односно два инкубациски периода, не беше забележан ниеден случај на заболувањето Covid-19. Претходно земјата стана првата во Европа без активни случаи на зараза со коронавирусот.
Од тогаш Црна Гора ги отвори границите со 130 земји во светот во коишто стапката на заболување е помала од 25 на 100.000 жители што не важи за Македонија. Властите во Подгорица, исто така, ги укинаа повеќето мерки кои беа донесени за спречување на ширењето на коронавирусот.