
СДСМ и ДУИ, во 2017 година, настапија со заеднички кандидати за градоначалници на Скопје и на Чаир, како и во другите етнички мешани општини, но патиштата им се разделија пред годинешниве парламентарни избори
Криењето на сопствената неспособност зад Обама, не е ништо друго освен потврда на тоталната неспособност да се справите со вистинските проблеми на граѓаните. Особено во Чаир, коментираше синоќа на фејсбук скопскиот градоначалник Петре Шилегов, набрзо откако на скопско Кале осамна светлечката реклама на ДУИ за прв премиер етнички Албанец во Северна Македонија.
Во статусот на Шилегов не се спомнува експлицитно ДУИ, ама спомнувањето на претходниот американски претседател Барак Обама и посочувањето на Чаир, како општина со која цело време локалната власт е кај интегративците, упатува на тоа дека скопскиот градоначалник алудира на паролата „Зошто да не?“ испишана на албански јазик, со светлечки букви, на Кале.
„Не им зборувајте за Обама. Зборувајте им за неасфалтираните улици, немањето водовод и канализација. Субстандардните услови на живеење. Во 21 век. Во општина што “обамовски” ја водевте и ја водите. Евтини се приказните. Па макар и Обама да ги “раскажува”, напиша Шилегов.
На локалните избори во 2017 година, Шилегов беше избран за градоначалник на Скопје, во првиот изборен круг, како заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ. Двете владејачки партии тогаш настапија со заеднички кандидати за градоначалнициво етнички мешаните општини, но со посебни листи за советници. Во Чаир, пак, СДСМ го поддржа сегашниот градоначалник од редовите на ДУИ Висар Ганиу.
СДСМ и ДУИ настапија со зеаднички кандидат (Стево Пендаровски) и на ланските претседателски избори, ама патиштата им се разделија пред годинешниве парламентарни избори. СДСМ влезе во колаиција со опозициската Беса, а ДУИ се одлучи за самостоен настап, така што деновиве води кампања за прв премиер Албанец во земјава. Лидерот на СДСМ Зоран Заев, пак, му порача на Али Ахмети дека тој е кандидат за мандатар за состав на идната Влада и дека ќе биде премиер на сите граѓани, без разлика на етничката припадност.