
ВМРО-ДПМНЕ вечерва на седницата на Централниот комитет донесе едногласна одлука дека ќе учествува на изборите на 15 јули.
Како што соопшти партискиот лидер, Христијан Мицкоски по седницата, ВМРО-ДПМНЕ очекува Талат Џафери да ги закаже изборите.
Од пред Централниот штаб истакна дека договорот околу датумот се одолговлекувал зашто не можел да прифати избори кои ќе значеле газење по човечки животи и по здравјето на граѓаните. Во овој период се водел од заштитата на здравјето и волјата на граѓаните. Двата услови/принципи од СДСМ се прифатени – да има протоколки за заштита на ранливите категории граѓани, тие да гласаат од дома, правила кои, рече, досега не биле прифатени, како и присуство на Мисија на ОБСЕ/ОДИХР.
-Ова е тест без поправен испит, победа на доброто над злото, победа на правдата над неправдата, на вистината над лагата, имаме економско фијаксо, капитулација во здравстениот систем, а стратегиските интереси не се остварени. Ова е точка од која нема враќање, иднината на Македонија е во ваши раце, им порача Мицкоски на граѓаните, додавајќи дека следува обнова.
Мицкоски нагласи и дека очекува кампања во која партиите ќе ги покажат разликите, кој навистина нуди стратегија и визија, а кој не нуди ништо.
-Изминативе три години сме сведоци на Влада која многу ветуваше, но освен пораз, срам, дебакл, криминал, корупција, неправди, не понуди ништо, рече Мицкоски.
Одговрајќи на новинарски прашања тој рече дека поради целата ситуација со коронавирусот очекува да биде намалена излезноста на претстојните предвремени парламентарни избори, но затоа се обиделе да донесат протоколи коишто навистина ќе овозможат секој граѓанин да го исполни своето право на глас.
Тој најави дека за само еден мандат ќе се зголеми просечната плата за 20 проценти, а како што додаде, истото ќе се случи со пензијата на пензионерите.
– Ние сме со народот и во ова сум со единствена цел – да испишеме историја и да покажеме дека можело поинаку. Тука сум за да ја исправам Македонија и да кажам дека можеме да работиме чесно и одговорно. Следува обнова во економијата. Таа обнова ќе овозможи зголемување на просечната плата за 20 проценти. Просечната пензија на пензионерите ќе се зголеми за 20 проценти. Невработеноста ќе биде под 10 проценти. Рамен данок од 8 проценти. 90 проценти реализација на капиталните инвестиции, односно целосна реконстукција на повеќе од 1000 километри, рече Мицкоски.