
Институтот за белодробни заболувања кај децата во Козле ќе биде Ковид болница и за возрасни. Од понеделник можат да хоспитализираат пациенти со корона вирус од сите возрасти, но не и тешко болни бидејќи установата нема интензивна нега.
Здравствените власти и Комисијата за заразни болести одлучија и болницата во Козле да ги пренамени своите капацитети за Ковид пациенти.
Две одделенија во оваа установа ќе бидат за деца, а останатите за возрасни. Децата кои сега се сместени таму ќе бидат преместени на Детската клиника.
На располагање ќе бидат 60 места за болничко лекување на возрасни и 15 за деца сомнителни и заразени од Ковид-19. Предвидено е во оваа болница да се носат пациенти со полесна и средна клиничка слика.
Болницата се доекипира со интернистички и инфектолошки тимови, лекари и сестри, кои ќе дојдат и од Инфективна клиника и од внатрешноста.
Уште од почетокот на епидемијата во нашата земја болницата на Институтот за белодробни заболувања кај децата – Козле беше дедицирана за третман на сомнителни и заболени деца од Ковид 19. Во моментот во Болницата се сместени 3 дечиња сомнителни за Ковид-19, чии резултати од тестови се чекаат. Од утре Болницата ќе врши прием и на возрасни пациенти заболени од Ковид-19.
Освен на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, болницата „8-ми септември“ која функционира како Ковид центар, сомнителни и заболени пациенти од Ковид-19 се лекуваат и во болниците во Куманово, Тетово, Штип, Велес, Прилеп, Битола, Охрид. Веќе од утре целосно се вклучува детската болница Козле, а се подготвува и Ковид центар во Кавадарци.