
Европската комисија (ЕК) одобри Црна Гора да го отвори последното преговарачко поглавје во преговорите со Европската унија, соопшти денеска црногорската Влада. Станува збор за поглавјето број 8 кое се нарекува „Конкуренција.“
Премиерот Душко Марковиќ изјави дека ова е голем ден за Црна Гора, која како што рече „потврдила дека е држава која е најперспективна и најблиску до членство во ЕУ.“
„Очекуваме утре тоа формално да биде потврдено. Ова е голем ден за Црна Гора која ќе стане прва земја кандидатка која ги отвори сите преговарачки поглавја“, наведе Марковиќ додавајќи дека со отворањето на поглавјето 8 значи завршување на првата фаза на процесот на интеграција во ЕУ.
Шефовите на држави и влади на ЕУ на Самитот во Брисел на 29 јуни 2012 година го потврдија отворањето на преговорите за членство меѓу Унијата и Црна Гора.
Со Црна Гора беше започнат нов пристап во преговорите, според кој меѓу првите отворени преговарачки поглавја беа 23 – Правосудство и основни права и 24 – Правда, слобода и безбедност, кои ќе останат отворени до крајот на преговарачкиот процес.