Резултатите за второто запишување во средно ќе се знаат утре

Во земјава во учебната 2020/2021 година во деветто одделение завршија вкупно 19.297 ученици. За целосен опфат на сите ученици со Конкурсот се обезбедени доволен број на слободни места и тоа: 25.932 на македонски наставен јазик, 8.865 на албански наставен јазик, 1.088 на турски наставен јазик и 34 на српски наставен јазик, односно вкупно 35.919 ученички места во сите јавни средни училишта во државава, соопшти Министерството за образование и наука.

Второто пријавување и запишување на учениците, информираат оттаму, почна вчера, а резултатите од запишувањето и слободните места ќе се објават утре.

Според соопштеното, слободни места за второто пријавување има за вкупно 23 581 ученик од кои: 15 445 слободни места за настава на македонски, 7 280 слободни места за настава на албански, 822 слободни места за настава на турски, 32 слободни места на српски наставен јазик и две слободни места за повторувачи.

Слободни места по вид на образование за второ пријавување има: во гимназиско образование 5 945 од кои – 3 465 за ученици на македонски, 2 133 за ученици на албански, 315 за ученици на турски, 32 за ученици на српски наставен јазик; во стручно образование 17 313 слободни места од кои  11 798 за ученици на македонски, 5 006 за ученици на албански, 507 за ученици на турски наставен јазик и две слободни места за повторувачи.

Од Министерството за образование информираат и дека пријавувањето и запишувањето на учениците се врши во еден уписен рок со три пријавувања во месец јуни.

„Од доставените прегледи на јавните средни училишта во првото пријавување вкупно се пријавиле 16 994 ученици од кои: 11 665 ученици за настава на македонски, 5 012 ученици за настава на албански, 310 ученици за настава на турски, четири ученици за настава на српски јазик и тројца повторувачи.По првото пријавување вкупно се запишале 12 622 ученици од кои: 9 517 ученици за настава на македонски, 2 936 ученици за настава на албански, 164 ученици за настава на турски, двајца ученици за настава на српски наставен јазик и тројца повторувачи“, соопштија од Министерството за образование.