
Првиот ден од отворањето на границите, на граничниот премин Делчево, минува без поголема сообраќајна фреквенција. Од утрово, како што информираат надлежните, непречено функционира товарниот сообраќај, додека патничкиот сообраќај е релативно слаб.
„На нашиот граничен премин е релативно мирно. Непречено функционира товарниот сообраќај, додека движење и поминување на границата со патнички автомобили речиси и да нема“, велат од Граничниот премин Делчево.
Оттаму додаваат дека најчесто границата се поминува транзит и од страна на студенти кои учат на факултетите во Бугарија.
„Има случаи на поминување на границата на возила кои одат до аеродром и притоа мора за 24 часа да транзитираат низ Бугарија, како и од страна на студенти, но генерално состојбата е мирна“, додаваат надлежните.
Бугарските државјани се едни од најчестите посетители на погранично Делчево, но поради пандемијата со коронавирус во изминатите четири месеци нивниот број како туристи е сведен на минимум.