
„Само придржувањето до мерките значи побрз крај на оваа здравствена криза“, рече на денешната прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
„Пред нас имаме летни месеци, изминатите 5-6 дена факторот на пренос е под единица, се надевам дека така ќе остане и дека во следниот период врз основа на тоа ќе видиме и намалување на бројот на пациентите. Меѓутоа, доаѓаат есенските месеци, во коишто и времето нема да биде убаво, луѓето повеќе ќе бидат на затворено, ќе почнат да работат и школите, и тоа се сериозни ризик-фактори заедно со останатиот број на пациенти заради друга патологија, и тоа може да биде сериозен проблем за нашиот здравствен систем, многу поголем предизвик и од првиот и од вториот бран. Не само кај нас, насекаде во регионот.“
Во врска со разрешувањето на директорот на скопскиот Центар за јавно здравје, Арбен Зибери, Филипче рече: „Сметам дека апсолутно никој не смее да политизира, ниту да добива политички поени на едно такво сензитивно прашање“ и ги отфрли наводите од директорот дека разрешувањето било со политичка заднина и дека се случило во моменти кога неговиот чичко е кандидат за прв премиер Албанец.
„Апсолутно сакам да го демантирам тоа. Разрешувањето следи по неговата изјава во однос на работата на Комисијата, со што сметам дека го поткопа угледот на членовите на Комисијата за заразни болести, кои работеа водејќи се од професионални принципи“, рече Филипче.