
Франција во неделата го одржува вториот круг од локалните избори, кои беа одложени во март поради епидемијата од коронавирусот, а во фокусот на јавноста се исходите во Париз и Ле Авр.
Во повеќето региони формирањето на општинските структури на власта завршија уште по првиот круг на 15-ти март, така што гласањето ќе се одржи само во најголемите градски средини како Париз, Лион и Марсеј, и околу една шестина од преостанатите општини. Во последен момент поради пандемијата беше одложено и гласањето во Француска Гвајана. Во неделата право на глас имаат 16,5 милиони избирачи, што претставува 39 отсто од вкупното гласачко тело.
Официјалната изборна кампања која започна на 15-ти јуни заврши во саботата утрото. Во Париз, според предвидувањата на аналитичарите, се очекува реизбор на градоначалничката Ана Марија Идалго Алеу – Ан Идалго, којашто на оваа должност дојде во 2014 година како кандидатка на сега веќе речиси разбиената Социјалистичка партија. Таа води по првиот круг од изборите на 15-ти март освојувајќи 29 отсто од гласовите. Нејзината главна ривалка, градоначалничката на елитниот VII арондисман на француската престолнина Рашида Дати, којашто е кандидат на партијата Републиканци од десниот центар, доби поддршка од 22,7 отсто од гласачите.
Идалго, која ја ужива поддршката на еколозите, останува една од малубројните политичари на Социјалистичката партија кои го сочуваа своето влијание во контекстот на подемот на владејачкото центристичко движење „Републиката во движење“ на претседателот Емануел Макрон. Една од главните точки во нејзината програма, доколку биде избрана за вториот мандат, е да го претвори центарот на Париз целосно во пешачка зона. Исто така, ветува и зголемување на бројот на местата во претшколските установи.
Главните поенти од програмата на Дати упатени до гласачите во престолнината се „чисти улици и безбедност“. Претходно таа беше министерка за правда во француската влада.
Големо внимание предизвикува и трката за главниот пристанишен и трговски центар на западното крајбрежје, Ле Авр во областа Нормандија, каде што за градоначалник се кандидира актуелниот премиер Едуар Филип. Тој, инаку, ја извршуваше оваа должност пред да го преземе водењето на владата.
Во првиот круг 49-годишниот Филип ја доби поддршката од 43,6 отсто од избирачите. Тоа е значителна голема предност пред најголемиот ривал, комунистот Жан-Пол Лекок, кој освои 35,8 отсто од гласовите. Сепак, слабиот одѕив на гласачите во Ле Авр во првиот круг, навестува дека е можен и пресврт во конечните резултати.
Лекциите од првиот круг
Првиот круг од изборите се одржа на 15-ти март со зголемени санитарни мерки во сите 35.000 општини во Франција. Гласачите носеа свои пенкала, задолжително рацете ги премиваа со антисептички гел, држеа растојание од еден метар и гласаа во кабини специјално свртени кон ѕидот, за да не мора да ја повлекуваат завесата со рацете за да ја зачуваат тајноста на своето гласање.
Сепак, во првиот круг излезноста на гласачите изнесуваше 44,6 отсто, што е историски рекордно низок одѕив на изборите на локално ниво, за коишто традиционално Французите се многу позаинтересирани отколку за општите избори на национално ниво. Според коментарите во медиумите, стравот од епидемијата придонесе тогаш дури 55 отсто од Французите да не се појават на избирачките места.
И изборите во неделата минуваат, исто така, во услови на зголемени санитарни мерки. На едно избирачко место истовремено може да бидат присутни не повеќе од тројца гласачи. За разлика од првиот круг, сега е задолжително носењето заштитна маска, и за гласачите и за членовите на изборните комисии. Гласачите, исто така, може да ги донесат гласачките ливчиња добиени по пошта, а властите инсистираат на запазување на социјалната дистанца.
Четврто одложување на изборите во историјата
Во Франција локалните избори првпат се одржани во 1871 година, и за век и половина одложени биле само во четири случаи. Во 1916 година, причина за тоа била Првата светска војна. По изборите во 1935 година следните биле организирани дури по една деценија, бидејќи било невозможно да се спроведат во време на нацистичката окупација во Втората светска војна. Третото одложување се случи во 2007 година, кога се совпадна распоредот за изборите на трите институции на власта: претседателските, парламентарните и локалните. Оваа година вториот изборен круг требаше да се одржи на 22-ри март, но беше одложен поради пандемијата на коронавирусот.
Според социолошките податоци, меѓу француските градоначалници доминираат мажите повозрасни од 60 години. Најзастапената социјално-професионална групација меѓу градоначалниците се пензионерите, кои водат 42,5 отсто од француските локални власти. На второто место се земјоделците, а на третото се службениците. Претставниците на интелектуалните професии ја заокружуваат оваа четворка.
Мандатите на градоначалниците во Франција трае шест години. Законски нема никакви ограничувања за повторни избори на една личност. Најголем број од градоначалниците беа избрани уште во првиот круг, и веќе ги преземаа должностите.