
Вие сте најдобар пријател со вратарот од 27 април, секогаш се работи за пари. Вие тендери делите ширум Македонија, господине Заев. Тоа се „пусти пари“, му порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на СДСМ Зоран Заев, на дуелот на ТВ 24.
Мицкоски обвини дека власта изминатите 20 дена во Академијата за судии и јавни обвинители сместила роднини, ќерки и синови на функционери на СДСМ, меѓу кои и снаата на Цветанка Иванова.
– Само ќе кажам неколку примери што можат да кажат на 20 дена пред избори. Па така да речеме Академијата на судии и јавни обвинители, таму знаеме кој е претседател, Драган Јосифовски, да речеме е избран тој е син на Елизабета Јосифовска, обвинител од Специјалното јавно обвинителство. Потоа имаме Билјана Смаќовска таа е ќерка на Гордана Смаќовска, обвинител во Организиран криминал, потоа ја имаме Билјана Иванова, таа е снаа на Цветанка Иванова, потоа го имаме Зоран Здравев син на Ќиро Здравев претседател на Судскиот совет, го имаме Кирил Ѓоргиев кој е син на Наќе Ѓорѓиев и ред други. Со ваков пристап на избор на делители на правда ние не можеме да очекуваме дека сега нешто драматично ќе се промени. Можеме само да очекуваме враќање назад – рече Мицкоски.
Лидерот на најголемата опозициска партија го обвини Заев дека ја симнал на ниско ниво дебатата, поради тоа што рече дека кампањата за предвремените парламентарни на ВМРО-ДПМНЕ, официјално, ја финансирале само Мицкоски, неговата сопруга Рози и неговиот татко.
– Не ми мешајте семејство – реагираше Мицкоски.
Двајцата зборувајќи за случајот „Рекет“, меѓусебно се обвинија дека заднината на се што се прави, се парите.
– Кога сме кај кршење на законот, излезе еден господин кој што сред суд рече сите рекетирани пари во оваа држава завршуваат и барајте ги кај… Еве нема да го споменувам семејството. Ви тежат ли рекетираните пари кои ги земавте во џебот – го праша Мицкоски на Заев.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека човек обременет со судски случај за поткуп не може да биде реформатор.
– Ве разбирам, влеговте во овој процес на судството со едно обвинение кое што во тоа време беше случајот поткуп, а јас влегувам без никакво обвинение. И сега не може човек кој што е обременет со судски случај да биде реформатор – нагласи Мицкоски.