
Фудбалерите на Манчестер Јунајтед како гости убедливо со 3:0 го совладаа Брајтон во рамките од 32-то коло на англиското првенство и ја продолжија серијата победи на гостински терен.
Првиот погодок за „Црвените ѓаволи“ го постигна во 16 минута Мејсон Гринвуд, и за 18-годшниот напаѓач ова беше шестиот гол во тековната сезона во Премиер лигата. Ова е најдоброто постигнување за играчи до 18 години во англиското елитно натпреварување од сезоната 2003/2004, кога Вејн Руни, кој тогаш настапуваше за Евертон, постигна девет погодоци.
Другите два погодока за Јунајтед ги постигна Бруно Фернандеш, во 29 и 50 минута. Играчот од средниот ред во текот на зимскиот преоден рок дојде од португалски Спортинг и веќе успеа да постигне пет погодока во англиското првенство.
Со оваа победа Манчестер Јунајтед ја продолжи серијата без пораз на осум натпревари, во кои оствари пет победи и три ремија. Тимот на Оле Гунар Солскјер сега со 52 бода се зацврсти на петтото место на табелата, два помалку од Челзи кој ја држи последната позиција која води во Лигата на шампионите но има меч помалку.
Од ова коло во среда се играат натпреварите Арсенал – Норич, Борнмут – Њукасл, Евертон – Лестер и Вест Хем – Челзи, а во четврок Шефилд го пречекува Тотенхем, а во дербито на колото второпласираниот Манчестер Сити ќе игра за престиж против водечкиот Ливерпул кој со оглед на разликата од 23 бодови минатато коло ја потврди титулата на која чекаше точно три децении.