
Бројот на новозаразените лица со коронавирусот во Австрија во саботата повторно надмина сто, соопшти министерството за внатрешни работи изразувајќи загриженост од ваквите показатели.
Вкупно во последните 24 часа потврдени се 115 нови случаи на коронаинфекција, што е втор ден по ред а трет во оваа седмица кога бројот на новозаразените е троцифрен.
Во земјата од почетокот на епидемијата се потврдени 18.165 случаи на зараза, од кои досега оздравеле 16.607 пациенти, а 705 пациенти починале.
Најголем раст на бројот на заразите е регистриран во Виена каде има 53 случаи, по што следат сојузните покраини Горна Австрија со 35 и Штаерска со десет нови случаи.
Австрискиот министер за здравство, Рудолф Ансшобер, најави воведување ткн „семафор на системот“ кој граѓаните, слично како и кога станува збор за системот на предупредување од лавини, би ги предупредувал на степенот на опасност од зараза, како на сојкузно така и на ниво на покраините. Системот би требало да стапи на сила во септември за Австрија да се подготви за „големиот предизвик“ кој есенва го носи можноста од ткн втор бран на коронавирусот.
„Еден едноставен систем поделен во четири категории од црвен, преку портокалов и жолт до зелен, врз основа на здравствените сознанија би бил автоматизиран и препознатливо би предупредувал на опасноста“, изјав Аншобер.
Министерот појасни дека властите прават сѐ за да се спречи нова експлозија на бројот на заразените и откривање на жариштата. Во Горна Австрија бројот на новозаразените се поврзува со една црква во Линц. Во главниот град Виена, пак, новото избувнување на заразата е поврзано со некои населби.
Пред неколку дена австриските власти воведоа мерки за патувањата од земјите од западен Балкан, појаснувајќи дека се забележани случаи на зараза во Австрија директно поврзани со враќање на лица од овој регион. Во Австрија има најмалку половина милион жители со потекло од западен Балкан.
„Кај еден дел од граѓаните забележуваме опаѓање на одговорноста. Се надевам дека најновите локални зарази ќе ја разбудат свеста кај овој дел од населението. Ние и натаму мора да бидеме многу претпазливи, бидејќи вирусот сѐ уште е меѓу нас“, изјави Еншобер.
Австриското министерство за внатрешни работи најави дека полицијата повторно засилено ќе ги контролира мерките против ширењето на заразата меѓу населението.