ДУИ ветува 300 чуда во образованието, а со години се влечкаат исти проблеми

Предизборната програма на ДУИ уште еднаш предвидува таканаречени чуда во образованието. Меѓу другото се ветува дневен центар за деца со посебни потреби во секое училиште, лаборатории, спортски сали, терени. Посебно внимание е посветено и на бројот на ученици во еден клас, што според ветувањата на ДУИ, нема да надминува повеќе од 20 ученици.

За разлика од досегашните ветувања на ДУИ, училиштата што Алсат неколку пати ги посети, докажуваат сосема друга реалност. Училниците се преоптоварени со ученици, во некои од нив бројот на ученици достигнува и до 40. Во подрачното училиште во село Орланци, општина Арачиново, минатата година во прво одделение беа запишани 33 ученици во едно одделение и покрај тоа што самиот министер за образование, Арбер Адеми, изјавил дека такво нешто нема да се дозволи. Директорот на училиштето во Арачиново вели дека веќе една година чекаат одговор од Министерството за отворање дополнителна паралелка во училиштето во ова село.

„Сега се надеваме дека ќе имаме одговор и ќе ни овозможат да имаме паралелка. Ни следува и согласно законот, ако надминува 31, мора да се отвори друга паралелка, но за жал кај нас не се отвори. Верувам дека сега и со помош на медиумите ќе успееме. Ќе работиме во две смени, објектот е тука, има место, само очекуваме од Министерството за образование да дозволи едно работно место.“

Освен ова училиште и многу други чекаат отворање на дополнителни паралелки поради пренатрупаност со ученици. Многу училишта чекаат и да им се реконструираат постоечките објекти. Во меѓувреме, децата од Визбегово, населбата Барди, Идризово, Клукавец и Селце и понатаму чекаат да добијат нови училишни згради.