Шест мртви и девет повредeни во шумски пожар во Украина

Шест лица загинале а уште девет други се хоспитализирани во шумски пожар кој ја зафати шумата во источна Украина, соопштија во вторникот ноќта украинските власти.

„Според првичните информации шест лица загинаа“, изјави министерот за внатрешни работи Арсен Аваков.

Пожарот избувна во понеделникот во делот од одметнатиот регион Луганск кој е под контрола на украинските сили, и многу брзо се проширил на површина од 100 хектари, изјавил гувернерот кој го имениваше Киев, Сергеј Гајдај.

Првично локализиран, пожарот силно се разбукнал во вторникот утрото поради силните налети на ветрот и високите температури од 38 Целзиусови степени и стасало до селото Смолјаново. Повеќе од 120 куќи изгореле во пожарот во оваа област на околу дваесет километри од фронтот, тврдат украинските власти/

Според Гајдаја, властите почнале да го евакуираат локалното население, но според него некои од постарите жители одбиваат да ги напуштат своите домови.

Повеќе од илјада пожарникари, припадници на националната гарда и полицијата се испратени на местото на пожарот, рече Аваков додавајќи дека на истото подрачје се испратени два канадера.

Рано пролетта пожарите опустошија над 66.000 хектари во областа околу Чернобил, во северна Украина, каде во 1986 година се случи големата нуклеарна катастрофа.