
Од утре по полноќ, заклучно со 21 часот на 15 јули, важат правилата за изборен молк за време на Предвремените парламентарни избори 2020 година, соопшти денеска Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги како потсетување за радиодифузерите.
-За време на молкот, медиумите продолжуваат да известуваат за изборниот процес, но престануват сите облици на изборно медиумско претставување, на учесниците во изборната кампања – истакнуваат од Агенцијата.
Од АВМУ потсетуваат дека според Изборниот законик, за прекршување на изборниот молк се смета емитувањето какви било информации, фотографии, аудио и аудиовизуелни материјали поврзани со или во кои учествуваат учесници во изборите, какви било облици на медиумско известување кои се отворено или прикриено во функција на нечија кампања и можат да влијаат врз одлуката на избирачите, податоци со кои се открива идентитетот на политички субјекти и/или поединци вклучени во инциденти или неправилности на денот на гласањето, како и изјави од кандидати во изборниот процес, од претставници на политички партии и од носители на функции во органите на власта.