Обвинителството итно постапува по индициите за кривични дела поврзани со изборите

Во континуитет ги следиме случувањата поврзани со изборниот процес, велат од Комисија за следење на изборни нерегуларности при обвинителството.

– Итно и со приоритет се постапува по индиции за извршени кривични дела поврзани со изборите, при што известувањата веднаш се проследуваат до соодветните основни јавни обвинителства. Комисијата даде задолженија до обвинителствата за итно постапување, односно за формирање предмети и преземање на сите дејствија за утврдување на релевантни факти од кои зависи правилната примена на Кривичниот законик – велат од Комисијата.

Од таму додаваат дека Јавното обвинителство преку нив ја известува јавноста дека јавните обвинители во континуитет работат на терен. Целосно се посветени на борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето, преку придонес кон нивно сузбивање и превенирање. Комисијата продолжува перманентно да го следи процесот на гласање, за што воспоставени се и дополнителни дежурства во јавните обвинителства за деновите кога се врши гласањето.

– Јавното обвинителство  ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции, сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со изборниот процес, да достават поднесок / пријава до Комисијата за следење на изборни нерегуларности на електронската адреса [email protected] или до надлежните основни јавни обвинителства – велат од Комисијата.