Владејачка партија агитира и прави поткуп- дел од активистите фатени на дело

Владејачка партија од македонскиот блок го крши предизборниот молк преку разни обиди за поткуп на гласачи и сценарија со кои ќе се влијае врз изборниот резултат на предвремените парламентарни избори закажани за во среда.

Според информациите од терен, активисти на владејачката партија вечерва се раздвижени во повеќе населени места во обид за поткуп на гласачи и агитирање да се гласа за оваа партија, директно кршејќи го молкот кој започна синоќа на полноќ.

Според неофицијални информации, дел од активистите се приведени откако на дело се фатени како се обидуваат да поткупат гласачи, додека полицијата активно работи да спречи понатамошни обиди да се влијае врз гласачите слободно и без притисоци да го дадат својот глас.

Сè повеќе сведоштва од терен укажуваат дека владејачката партија се спрема за нови црни сценарија налик на оние од претходните изборни циклуси, кога преку изборни нерегуларности, поткуп и агитирања вршеше притисоци за граѓаните да гласаат за оваа партија.

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев денеска соопшти власта се подготвува за изборен поткуп и дека има индиции дека владејачка партија подготвува сценарио за изборен криминал со поткупување на гласачи и изборни нерегуларности. Чулев сепак нагласи дека ова сценарио нема да им помине.

-Граѓаните треба да бидат сигурни дека ваквите незаконски постапки на владата, ниту ќе не поколебаат или пак одвлечат од решеноста да го спречиме изборниот поткуп и во таа насока уште еднаш потенцирам дека секој еден кој ќе влијае врз гласачите ќе биде најостро санкциониран. Полициските службеници активно работат на терен и ги охрабрувам и понатаму најприфесионално и непристрасно да интервенираат секаде, онаму каде што ќе забележат индиции за поткупување на гласачите, порача Чулев.

Тој апелираше до гласачите да не подлегнуваат на било какви притисоци, уцени, закани или поткуп и слободно да го остварат своето граѓанско право.

Казните за кршење на гласачките права се затворски, од 6 месеци до 10 години, и се содржани во Кривичниот законик, во глава 16 под назив „Кривични дела против изборите и гласањето“.