Ахмети лобира Насер Зибери да биде мандатар

Али Ахмети не губи време и веќе телефонски се слушнал со лидери на партиите на Албанците во обид да обезбеди поддршка за нивниот предлог Насер Зибери да биде мандатарот на новата влада.

Како што самиот напиша на Фејсбук, Ахмети вчера телефонски разговарал со претседателот на ДПА Мендух Тачи и со претседателот на Беса, Билал Касами. Тој најави разговори и со претседателите на другите албански партии Африм Гаши, Зијадин Села и Весел Мемеди.

– Заеднички ќе го процениме резултатот од изборите и ќе размениме мислења – напиша Ахмети на Фејсбук.

Од ДУИ велат дека по телефонските разговори Ахмети ќе закаже и средби со лидерите на партиите на Албанците. Впечатливо е дека фотографијата на постот на Ахмети за средба со лидерите на партиите на Албанците е од средбата кај премиерот на Албанија Еди Рама за таканаречената Тиранска платформа, која беше топ тема во кампањата за изборите во 2016 година.

И додека лидерот на ДУИ не открива дали разговорите и најавените средби со колегите од албанскиот политички блок ќе бидат во функција да ги убеди да застанат зад Зибери за мандатар, самиот кандидат за прв премиер Албанец на Фејсбук тоа го открива.

Тој во својата објава вели дека со 15 мандати, ДУИ станува уште помоќна за почеток на преговори со македонските партии.

– Со 15 мандати, ДУИ станува уште помоќна за почеток на преговори со македонските партии. Како што кажавме, оваа идеја е поголема од ДУИ и од која било друга партија. Затоа сакаме да ги обединиме и вклучиме сите албански партии, особено сите граѓани во нашата национална кауза. Али Ахмети и Демократската унија за интеграција веќе контактираа со другите албански партии за сериозни разговори за поддршка на идејата за албанскиот премиер кој ќе работи за сите граѓани и државата воопшто. Причината поради која ни верувавте и гласавте без партиска боја, оставајќи ги партиите настрана, ни дава храброст и надеж за исполнување на обврската – напиша Зибери.

Тој вели дека е исклучително задоволен и благодарен за поддршката за албанската кауза и за ДУИ, особено за поддршката што самиот ја добил како прв албански кандидат за премиер.

Засега нема информации како ќе помине лобирањето на Ахмети кај лидерите на партиите на Албанците, но евидентно е дека лидерот на ДУИ се обидува уште повеќе да ги засили позициите пред почетокот на преговорите со Зоран Заев и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски за новата влада.

Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи само ни изјави дека ќе разговараат со сите за состав на новата влада.

– Штом се потврдат изборните резултати ќе почнеме да разговараме со сите за да составиме влада што побрзо – вели Османи.