
На денешна онлајн работилница, ФАО и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го најавија започнувањето на нов проект од програмата на ФАО за Tехничка соработка чија цел е да се зголеми отпорноста на земјоделскиот сектор преку зајакнување на координацијата и капацитетите на институционално ниво, како и преку промовирање на добри земјоделски практики за отпорност кон климатските промени за самите земјоделци.
Во рамки на новиот проект, ФАО ќе му помогне на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да развие нова стратегија за наводнување. Дополнително, ќе се обезбеди техничка поддршка за унапредување на дел од активностите на Управата за хидрометеоролошки работи, подобрување на размената на климатски информации и нивната примена во земјоделството, како и поддршка за други политики како Методологија за штети и загуби во земјоделството како резултат на природни катастрофи.
Планирано е проект да пилотира нови, климатски паметни технологии на терен со цел да ја приближи нивната примена до земјоделците и другите засегнати страни.