
Според неговите досегашни искази, во ликвидацијата на новинарката учествувал моќниот бизнисмен Јорген Фенех, кој беше уапсен кон крајот на ноември и е обвинет за вмешаност во убиството. Фенех сега го чека судењето и ги негира сите обвиненија.
„Според првичните сознанија, Мелвин Теума сам себеси си нанел повреди, но ние ја продолжуваме истрагата“, соопшти полицијата, посочувајќи дека станува збор за обид за самоубиство, пишува Ројтерс.
Полицијата соопшти дека полицајците што го чуваат неговиот објект доцна синоќа го нашле Теума во бара крв. Дека можеби има проблем ги предупредил неговиот адвокат, кој рекол дека не може да го добие Теума по телефон.
Медиумите известија дека Мелвин Теума имал сериозни повреди на гласните жици и на абдоменот. Инцидентот се случил неколку часа пред Теума да сведочи пред судот во Валета.
Теума тврдеше дека Фенех го ангажирал да ги пронајде тројцата платени убијци што во моментот се наоѓаат во притвор и кои ја организирале експлозијата на автомобилската бомба. Тој исто така рече дека оттогаш живее во страв за својот живот и дека отишол во црква на исповед.
„Мојот живот заврши во 3 часот попладне на 16 октомври 2017 година“, му рече тој на судијата, наведувајќи ги часот и датумот на убиството на новинарката.