Нови економски мерки ќе носи новата влада

Додека не се состави новата влада нема да има нови мерки за помош на граѓаните и фирмите во екот на корона кризата, рече претседателот на комисијата за финансии од СДСМ, Фатмир Битиќи и изрази надеж дека четврт пакет мерки за поддршка на економијата ќе има веќе од септември.

При носењето на новите мерки ќе се земаат предвид позитивните резултати што ги дале претходните.

„Како што е на пример мерката од 14.500 и мерката со платежните картички, тие даваат одлични резултати затоа што даваат ефект и кај стопанството и за граѓаните“, вели Битиќи.

Рече дека „преку бројни мерки и политики СДСМ изминативе три години во континуитет покажа и докажа што значи вистинска грижа за сите граѓани. Се потврди и дека концептот на Социјалдемократскиот сојуз, парите назад кај граѓаните, успешно функционира не само во мирни времиња,туку и во време на најголемата светска здравствена и економска криза“.

„Антикризните мерки на Владата предводена од СДСМ, донесени за помош и поддршка на граѓаните, компаниите, економијата воопшто се покажаа како навремени и вистински. За тоа говорат и бројките, дека преку 276 илјади граѓани веќе добија и користат домашна платежна картичка. При тоа, вкупната вредност на веќе издадените домашни платежни картички до 18.07 e 24,6 милиони евра, од кои веќе се потрошени, односно вбризгани во економијата 17,7 милиони евра преку купување македонски производи и услуги.

Со платежните картички реализирани се над 1,2 милиони трансакции. Или поконкретно, граѓаните ги употребиле картичките најчесто во маркетите  89% , рестораните и храна 5%, текстил, облека, обувки 3%, аптеки 2.3%. Или поточно, граѓаните најмногу купувале во маркетите и оствариле промет од  982 милиони денари, текстил,облека и обувки 42 милиони, ресторани и храна 30 милиони денари, мебел 12 милиони, аптеки 10.8 милиони, хотели и туризам 3 милиони денари и останато“, реферираше Битиќи.

Според него се потврдила проекцијата дека домашната платежна картичка има повеќекратен бенефит за граѓаните и економијата, затоа што ја поддржува приватната потрошувачка и домашните производители и услужни дејности, придонесува за раздвижување на економската активност и придонесува за безготовинско плаќање што претставува уште еден механизам во борбата против сивата економија.

„Овие факти и бројки се уште една голема потврда дека СДСМ отсекогаш била и останува да биде партијата која е на страната на граѓаните, на државата. Така продолжуваме и во иднина. Со новата Влада предводена од СДСМ уште повеќе и уште подобро со нови и зајакнати политики кои значат подобар животен стандард за граѓаните и стабилна економија“, заклучи Фатмир Битиќи, претседател на Комисијата за финансии на СДСМ