Во Словенија 16 нови случаи на зараза од коронавирусот

Во Словенија во последните 24 часа со 549 тестирања се потврдени 16 нови случаи на коронаинфекција, два повеќе од претходниот ден, потврди во неделата словенечката влада.

Во болниците во моментов е згрижен 21 пациент со Covid-19, од кои четворица на одделите за интензивна нега. Бројот на активните случаи на зараза со коронавирусот се зголеми на 241, додека од почетокот на епидемијата потврдени се 2.082 случаи на заразата. Ниеден од заразените не починал во последните 24 часа, па вкупниот број смртни исходи останува 116.

Во периодот од последните две седмици, во Словенија има 11,5 активни случаи на 100.000 жители. Тоа предизвикува загриженост кај инфектолозите, и предупредуваат дека мора да се преземат мерки за намалување на дневната бројка новозаразени, а репродукциската бројка на ширење на вирусот да се спушти под еден, за ситуацијата да не побегне од под контрола.

Меѓу 16-те новозаразени 12 се постари од 65 години а од нив четворица се постари од 85 години, два случаи спаѓаат во возрасната група од 25 до 34 години, а по еден во востасните групи од 35 до 44 и од 55 до 64 години.

Во моментов во Словенија најголемо жариште на коронавирусот е општината Храстник каде што се лоцирани речиси третина од моментуално активните зарази. Во тамошниот дом за стари лица во саботата се потврдени уште 12 зарази меѓу штитениците и кај една вработена. Во оваа општина моментално има 73 активни случаи на инфекцијата, од кои 41 меѓу штитениците на домот, 11 меѓу вработените и 21 меѓу другите жители на Храстник.

Директорот на националниот Институт за јавно здравје, Милан Креk, изјави во неделата за медиумите дека во домот за стари лица во Храстник инфекцијата се појавила по една голема забава и неконтролирано дружење.

Без ова жариште Словенија би имала само 8 активни зарази на 100.000 жители, и со репродукциски број на заразите под еден. И би спаѓала меѓу епидемиолошки најбезбедните земји, предупредуваат епидемиолозите.