Воспоставените пост-изборни контакти со СДСМ и другите партии се колегијални, пријателски, иницијални, секако за доброто на земјата и нејзините граѓани. Разговори за детали, како што се претставени, ниту имало ниту се договорени со ниту една од страните, тврди партијата на Али Ахмети откако денеска весникот Коха, објави дека е постигнат договор за новата влада и за ротирачки премиер.
„ДУИ е транспарентна партија и сите процеси ги развива со вклучување и известување на граѓаните. Во моментов, ниту една од многуте вести во медиумите не е потврдена од наша страна, како и да е, кога ќе имаме нешто конкретно, ќе ве известиме благовремено“, се вели во реакцијата на ДУИ.
Според весникот Коха, рамките за соработка на владата за следните четири години веќе се поставени, – коалицијата СДСМ-БЕСА ќе коалицира со ДУИ на Али Ахмети, а дел од Владата ќе биде и ДПА, на чело со Мендух Тачи.
Коха, пишува дека, официјални лица од обете политички партии потврдиле дека официјализирањето на коалицијата ќе се случи по 4 август, кога се очекува Заев, Ахмети и Билал Касами да ја објават следната влада на јавна средба.
Kоха исто така дознава дека е постигнат договор за премиерското место – за СДСМ три години и една година за ДУИ.