Мицкоски: Лажните величини ќе речат ВМРО е поразено – ништо не е готово, ВМРО ДПМНЕ е најсилна партија во државата

Европската унија сѐ уште е далеку од нашиот дофат, пред сѐ, поради неисполнетите реформи, криминалот и корупцијата која силно го гризе секој дел од општествито. Сиромаштијата расте, а граѓаните не се среќни, иселувањето не престанува, рече меѓу другото во неделата лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во обраќањето во струшко Ташмаруништа, по повод националниот празник Илинден – Денот на Републиката.

„Борбата за слобода има константа, се крена илинденското востание, а потоа продолжија партизаните и затоа што тоа е продолжение на сите претходни стремежи и поради својата храброст и пожртвуваност издвојуваше победа, по што дојде слободата и создавањето на државата. А сега, сево ова е обврска која нѐ задолжува да ја одбраниме слободата секогаш кога таа ќе биде нападната. Треба да ги чуваме илинденските идеали од чија вредност како општество во овие мигови силно отстапуваме“, рече Мицкоски алудирајќи на договорите кои ги потпиша владата на СДСМ со Грција со кој го промени уставното име на земјата, како и со Бугарија која бара историско-национални отстапки од македонската страна.

Посочи дека ако оваа „темнина е тунелот кој го создаде оваа власт, и во кој сака свесно да опстојуваме“, сепак „има светло“ на крај од тунелот, а за таа светлина „вреди и треба да се бориме“.

„Како? Со верба, со труд, со многу труд. И нема откажување. Секоја борба е составена од повеќе помали борби. На крајот битно е да се оствари целта, победата да биде заслужена и остварена со сопствени сили затоа што така е нашиот код, и така е победата поголема. И доколку на тој трновит пат, се појават предизвици, се појават неправди, незаслужен пораз во некоја битка, тоа  никако не значи да се откажеме. Не. Кога знаеме дека имаме добра мисла и добри намери, кога знаеме дека за правда, принципи и за Македонија се бориме, и кога веруваме во таа битка, и во тие идеали, ние Македонците ќе ја оствариме целта“, рече Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека посакува силна Македонија, земја на среќни луѓе, на семејства со насмевки…

„Нашиот народ заслужува среќа, а не држава затворена од сите страни. Нашата земја мора да има европска иднина, а не затворени граници. Нашата земја мора да има правда, а не криминал и обвинителство кое го легитимира. Нашата Македонија заслужува подобра иднина, а не заслужува влада која преку огласи бара дивоградби, иако тие стојат пред нејзините очи. Нашата држава заслужува комплетно нова генерација на политичари и смена на транзициските ликови кои се сидрото на оваа држава. А нам ни треба едро и силен ветер да одиме напред. Тоа сите ние го создаваме и само ние сме покровители на сопствената судбина. И многумина од тие лажни морални величини ќе речат ВМРО е поразено и готово, јас велам ништо не е готово, а ВМРО е најсилната партија во државата и доста цврста, и сите кои не потценуваат најважните битки ги водат најхрабрите и ние ќе продолжиме да се бориме за правда, чесност и  принципи“, рече Мицкоски.

Според лидерот на ВМРО ДПМНЕ на македонското општество му се потребни принципи и верба.

„Верувајте дека можеме, дека ќе биде подобро и дека доаѓаат други времиња. Мораме да ја вратиме државата на илинденските идеали, а тоа е слободата, правдата и заедништвото. Ова е наша заедничка задача, да ја вратиме среќата кај луѓето, да се врати насмевката, вербата во државата да се потпираме едни на други“, рече  Мицкоски на Илинден во Ташмаруништа.